„Призма“ – нова интернет страница која ги поврзува јавноста, граѓанскиот сектор и новинарите

Призма е новата интернет страница која се лансираше денеска и е наменета за промоција и јакнење на истражувачкото новинарство и соработката помеѓу граѓанскиот сектор и новинарите.

„Призма“ - нова интернет страница која ги поврзува јавноста, граѓанскиот сектор и новинарите

Според најавите, на оваа веб страница ќе може да се најдат разни истражувачки стории, анализи, извештаи, репортажи, новости од граѓанските организации и интервјуа на теми од заеднички интерес за медиумите и граѓанскиот сектор, како и за пошироката јавност.

Предвидено е Призма да стане место на кое се создаваат и одржуваат мрежи на уредници, новинари, медиуми, како и невладини организации со цел нивна потесна соработка, но и размена на информации и алатки за што појасно информирање на јавноста и да стане медиумска платформа која ќе ги обедини новинарите, невладините организации и јавноста во Македонија.

Интернет страницата, која доби и своја страница на Фејсбук е иницирана во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор дел од програмата на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија. Содржините на Призма се во согласност со новинарскиот етички кодекс и светските новинарски стандарди.