Приведени крадци на 26 велосипеди во Скопје, полицијата ги повика граѓаните да си ги препознаат

Украдени 26 велосипеди, еден апарат за заварување, една бормашина, една брусалица, две рачни стеги, разен рачен алат и лаптоп се откриени во акција на полицијата во Карпош на 8 и 9 јули, информираат од МВР.

Приведени се Е.М.(24) и А.И.(22), двајцата од Скопје, поради сомнение за сторени кривични дела „тешки кражби“ на велосипеди и Х.К.(53) од Скопје за сторено кривично дело „прикривање“.

„Имено, двајцата првопријавени извршувале кривични дела „тешки кражби“ на велосипеди, тешки кражби во подрумски простории и тешки кражби во станови на подрачјето на Скопје, по што украденото го продавале кај третопријавениот, кој ги купувал велосипедите за минимална цена и ги препродавал или ги расклопувал во делови“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму ги повикуваат сите оштетени граѓани во Полициската станица Карпош, секој работен ден од 09,00 до 15,00 часот за препознавање на велосипедите.

Проблемот со украдени велосипеди не е нов. Во 2018, неформалната група На Точак спроведе анкета меѓу граѓаните која покажа дека 47% од испитаните велосипедисти некогаш им украле велосипед, барем еднаш. Дури 71% oд оштетените во тој период пријавиле во МВР, но само 2% од украдените точаци на испитаниците биле пронајдени.

Дел од барањата на На Точак е формирање на национален регистар на велосипеди од страна на МВР. Во него би се запишувал секој нов купен точак и ќе се заведува ако биде украден и во кој купувачите може да проверат пред да купат, дали купувааат украден точак. До граѓаните, пак, апелираат да внимаваат при заклучување и вложување во добар заклучувач, посебно за повредни велосипеди.

„Ако треба да го остават велосипедот на подолго време, тоа нека биде во затворен или добро контролиран простор. За градско возење и чести и долги оставања на отворено да користат поевтин градски велосипед“, советуваат од На Точак.

Покрај ова, бараат поголем ангажман од МВР по пријавите од граѓаните и поставување на безбедни паркинзи за велосипеди со надзор на клучни локации.

Е.П.