Приведени членови на Левица поради истакнување транспарент „Против војната за профити“

Приведени се четири членови на Левица кои попладнево излегле на мирен протест против насилство и милитаризација, откако претходно во центарот беше најавна презентација на воена опрема на САД и на АРМ. Демонстранти кај ГТЦ сакале да истакнат транспарент „Против војната за профити!”.

„‘Демократската’ полиција, потпомогната од АРМ насилно задржа четворица демонстранти и ги спречи слободно да се движат! Другарите само се обидоа да истакнат транспарент и мирно да изразат незадоволство против дефилето на американската војска на плоштад, без притоа да бидат насилни!“, соопштија од Левица.

Од ЦИВИЛ веќе објавија и видео од инцидентот. Според анонимиот граѓанин кој до редакцијата го испратил видеото, полицијата ги опоменила неколкумината демонстранти што го носеле транспатентот да се тргнат од плоштадот „Македонија“, а потоа тие се повлекле на вториот спрат на ГТЦ.

Левица во текот на утрешниот ден најавуваат официјална реакија за целиот настан. „Останува отворено прашањето, дали ова е официјалното доаѓање на демократијата и слободата во Република Македонија?, велат од партијата.

Инаку, Левица денеска пред медиумите соопшти дека се против членството на Македонија во НАТО.

„Ние сме  против милитаризација на општеството, против милитаризмот што го шири САД со оваа демонстрација на моќ во Македонија. Со ова воено дефиле ние испративме директна покана до терористите, а како држава не сме способни да се справиме со едно поголемо невреме. Ние сакаме парите да се трошат на добро образование и на добро здравство“, рекоа од партијата.

Во рамките на воената вежба „Драгон Гардијан 2017“ вечерва во Скопје кај Порта „Македонија“, покрај  презентација на воена опрема, граѓаните можеа да проследат кратка обука за самоодбрана, а најавен беше и натпревар за најмладите.

Фото: Принтскрин од видео од ЦИВИЛ