Приведена па пуштена од „Беко“ актерката Ирена Ристиќ

Македонската театарска, филмска и телезивиска актерка Ирена Ристиќ синоќа околу 1 часот била приведена во полициската станица „Беко“, поради наводна алкохолизирана состојба, објави janakiznae.mk.

Според нејзиното кажување, пишува порталот, овластените службени лица одбиле да се легитимираат и одбиле да и дозволат пристап до бранител, иако побарала веднаш. Била спроведена во ПС Центар (Беко) од каде е спроведена во Бардовци и вратена пак во ПС Центар. Нејзиниот бранител адвокат Јанаки Митровски е контактиран дури во 03.30 часот, по што актерката Ирена е пуштена во 04.30 часот.

Актерката на пладне се огласи на својот Фејсбук-профил:

„Билтен! Противправно бев приведена. Не добив одговор на ниту едно од многуте прашања кои логично се наметнуваа. Зошто ме пикаат во комбе? Што згрешив? Зошто не смеам да ги метам пикавците покрај Влада? (таму не фрлаат граѓаните, туку токму оние кои фрлањето отпад треба да го санкционираат). По слободна проценка, до оградата имаше од несанкционирани фрлени пикавци 54 илјади и седамсто евра у казни. Таков и толку скап тепих од пикавци имаат исткаено оние кои тоа најмалку смеат да си го дозволат. Нормално, тоа им го кажав. И така почна. Ме пикнаа у комбето кое у секунда се створи пред Влада, ме развозуваа од Беко до Бардовци и назад и ме тормозеа као кај мене да се петте украдени милијарди и решенијата на сите нивни приватни и професионални проблеми. Ниту еден, значи, ниту еден од полицајците не се легитимираше и не се претстави, а уште помалку најде за сходно да објасни зошто сум така третирана“, пишува Ристиќ на Фејсбук.

Според актерката, сите кон неа биле груби и некултурни, ја пцуеле, а таа не попуштила и ги барале своите права. Со адвокатот исконтактирала после три часа.

Исто така, тврди таа, и’ давале да потпише празен лист.

„Строгите погледи, наперченоста, износените униформи, распадната станица, неупатеноста во процедурите и импровизациите со истите, простачкото обраќање, портокаловите и љиљаковите ноктишта на полицајките, муабетчињата за мене као да не сум тука и меѓу нив и со докторот (Љ. Ј.) у Бардовци… Има да се раскажува… Многу беше гадно… многу! Дали се исплашив? Не! Дали тоа ги реметеше? Да! Како понатаму?! Јас останувам у борбата! Со истата страст и посветеност! А они?! Немам појма, дечки! Немам појма како ќе тераат! Ви благодарам за грижата!!! Во текот на денот ќе одговорам на сите пораки! *увек наоѓам начин да привлечам внимание, сум си’бала векот!“, пишува Ристиќ.