Приватните стоматолози се пишманија од протестот, формирана работна група

Најавениот протест на приватните стоматолози се става во мирување. Претставници од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина вчера се сретнале со министерот за здравство Венко Филипче и Фондот за здравствено осигурување.

На средбата било едногласно договорено предлозите на Здружението за промена на моделот на финансирање во примарната стоматологија да се стават на расправа, за што било договорено формирање на работна група во која ќе учествуваат претставници на Здружението, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Стоматолошката комора.

Работната група започнува со работа од овој петок, а првичните резултати треба да ги соопшти до 15 декември.

Од Здружението велат дека редовно ќе ги информираат приватните доктори на дентална медицина за решенијата во работната група, како и за евентуална потреба од активирање на протест.

Според Здружението, една од причините за организирање протест е неиздржливата финансиска ситуација во која се наоѓаат стоматолозите во С. Македонија и немање слух од институциите за нејзино решавање.