Во петок почнува судењето на демонстрантите притворени за протестот на 5 мај

Во петок (22 мај), од 9:30 часот ќе започне судењето на девет лица, меѓу кои и студенти, кои протестираа пред Владата на 5 мај, потврди портпаролот на Основен суд 1 Скопје, Дејан Ристовски за Радио МОФ. Лицата се осомничени за „учество во толпа што спречила службено лице во вршење службена должност“.

Казната за ова кривично дело е од три месеци до три години, поради што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип, според Хелсиншкиот комитет за човекови права, не треба да биде определена мерката притвор, туку треба да бидат искористени останатите алтернативни мерки за обезбедување на присуство.

Судењето, пак, за втората група од четворица обвинети, кои се сомничат за истото кривично дело, се очекува на почетокот на наредниот месец.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет, досега вкупно 15 демонстранти се во притвор, еден е во куќен притвор, едно лице е во бегство, додека вкупно 42 лица се приведени поради учество на протестот. Комитетот информираше дека од притворените, вкупно седум се студенти од кои двајца се членови на Студентски пленум.

Граѓаните од движењето „Протестирам“ во неколку наврати протестираа низ улиците во Скопје и пред Основниот суд Скопје 1 со цел да се ослободат приведените и притворените лица кои учествуваа на тој протест.

На 5 мај, пред Владата во Скопје спонтано се собраа голем број на граѓани во знак на револт, откако неколку часа претходно, опозицијата објави снимени телефонски разговори со кои ја обвини власта за прикривање на убиството на младиот Мартин Нешковски. Протестот заврши со судир помеѓу полицијата и демонстрантите.