Притворени над 800 демонстранти во Русија

Руската полиција притвори повеќе од 800 лица кои протестираа против планираното зголемување на возраста за пензионирање и ги прекина протестите против оваа мерка поради која опадна поддршката за претседателот Владимир Путин, изјавија oрганизациите за заштита на човекови права.

Протестите организирани од затворениот опозициски лидер Алексеј Навални и неговите приврзаници, се предизвик за властите кои се надеваа на поголем излез на регионалните избори кои исто така се одржаа во неделата, и наспроти огорченоста поради планираната мерка.

На снимките од протестите, кои се одржаа во повеќе од 80 градови, се гледа како полицијата повремено користи сила за да ги растера демонстрантите, ги тепа учесниците со палки и ги одвлекува од местото на протестот.

Властите одбиле да ги одобрат собирите и ги прогласиле за незаконски.

Организацијата за човекови права ОВД-Инфо која ги следи притворањата, соопшти дека полицијата во неделата во 33 градови привела 839 лица, вклучувајќи и некои од најблиските соработници на Навални.

Повеќето од притворените, 354 од нив, се во Санкт Петербург, каде што властите прво го одобриле собирот, но потоа се предомислиле.

Новинската агенција Интерфакс го цитираше министерот за внатрешни работи кој кажа дека во Санкт Петербург се приведени околу 100 лица, а во Москва „неколкумина“.