Пристојна плата и нормални работни услови – синдикатите излегоа на првомајски марш

Четири различни маршеви посветени на 1Мај, Денот на трудот, денеска ги исполнија скопските улици. Иако низ различни рути, синдикалните и невладините организации упатија слични пораки – работниците да добиваат пристојна плата и нормални услови за работа.

Од Сојузот на синдикати на Македонија побараа да бидат вклучени во изготвувањето на новиот закон за работни односи, кој според нив, треба да биде прилагоден на европското и светското трудово законодавство.

Покрај ова, тие побараа договори за вработување на неопределено време, 12 месеци породилно отсуство, минимална плата од најмалку 13.800 денари, регрес за годишен одмор за сите, здрави и безбедни работни места, но и пораст на платите, а младите да останат. Своите барања ги доставија до Владата каде имаа средба и со премиерот Зоран Заев.

Пред Владата заврши и протестот на Конфедерацијата на синдикални организации. Оттаму, пак, посочија дека „додека синдикатите ги поседуваат највисоките згради во државата, работничките права ќе бидат само на хартија“. Со слични барања како и ССМ, од Конфедерацијата побараа и достоинствено вреднување на трудот на работниците, либерализација на синдикалното делување, но и почитување на репрезентативноста на Независните синдикати.

Во другиот дел од центарот на градот, поточно до Ибни Пајко, заеднички маршираа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на дипломатската служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата. Под слоганот „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си“ се пожалија на нерегулираниот работен однос, малите плати, како и нефункционирањето на законите.

Пред Министерството за здравство, пак, социјалниот центар „Дуња“ организираше протест поради како што велат, алармантната состојба во јавното здравство. Тие денеска организираат и Првомајски културни средби –  целодневна дружба со музика и размена на книги.

 

Фото: Мартин Колоски/Славица Филиповска/24инфо.мк/Конфедерација на синдикати