Пристапот до Википедија блокиран во Турција

Според мрежата за мониторинг за цензура на интернет, пристапот до Википедија, бесплатната онлајн енциклопедија, е блокиран во Турција, јавува Индепендент.

Мрежата Turkey Blocks, која себеси се нарекува независен „транспарентен дигитален проект“, вели дека корисниците во Турција од утрово не се во можност да пристапат до сите јазични изданија на Википедија.

„Недостапноста е во согласност со интернет филтрите кои се користат за цензурирање на содржината во земјата”, објави мониторот.

Веб-страницата е блокирана под привремена управна мерка, без судски налог, но Turkey Blocks очекува судска одлука во наредните денови.

Засега нема официјална изјава зошто сајтот е блокиран, а турските медиуми велат дека причината е бидејќи се работело за „содржини поврзани со тероризам“.