Пристапноста главен услов за добивање државни пари при градба на училишта, најави Царовска на презентацијата на буџетот за 2021

23,1 милијарда денари е проектиран предлог-буџетот за образование за 2021 година кој денеска го презентираше Министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа напомена дека во новиот буџет се одразени развојните политики и заложби за создавање образование кое му овозможува на секое дете да го достигне својот полн потенцијал.

Таа истакна дека вкупниот Буџет на МОН е поголем за 1,1 милијарда денари во однос на 2020 година, а најголемиот дел од парите, според неа, се насочени директно кон граѓаните – кон подобрување на образовниот систем и условите во коишто се одржува наставата.

„Издвоивме околу 1 милијарда денари за капитални инвестиции – што е за два и пол пати повеќе во споредба со минатата година. Со овие средства ќе овозможиме поквалитетен образовен процес за околу 100.000 ученици, студенти и наставен кадар. Ќе реконструираме основни и средни училишта секаде низ државата, ќе градиме спортски сали и ќе продолжиме со реконструкциите на студентските домови и јавните установи за високо образование“, рече Царовска.

Министерката најави и дека при добивање буџетски пари за изградба и реконструкција на училиштата за првпат еден од основните критериуми ќе биде пристапноста во интерес на инклузивното образование.

„За првпат еден од основните критериуми на конкурсот за капиталните инвестиции е токму  пристапноста. Главниот услов да поддржиме одреден проект како Министерство ќе биде објектот да е лесно пристапен за лица со попреченост. Овој критериум го воведовме на последниот конкурс и продолжуваме да го применуваме во иднина“, рече Царовска.

Во делот на капиталните инвестиции предвидена е и целосна адаптација на 3 регионални центри за средно стручно образование во Охрид, Тетово и Куманово. За првпат Министерството за образование издвојува 54 милиони денари за ангажирање на образовни асистенти, а Министерката најави и целосно нова динамика, односно редовна месечна исплата на студентските и ученичките стипендии од декември.

„Со 900 милиони денари за стипендии за ученици и студенти и за започнување исплата на бесплатен студентски оброк го подобруваме и унапредуваме студентскиот и ученичкиот стандард на околу 50 илјади млади лица“, рече Царовска.

Царовска истакна и дека МОН продолжува да работи на враќање на достоинството на наставниците, мотивирање и вреднување на нивниот труд.

„Ги зголемуваме блок дотации за основно и средно образование и обезбедуваме дополнителни 122 милиони денари. Во 2021 година е планирана и исплата на минат труд во високото образование – законска обврска која со години не се реализирала. Со ова решение покажуваме дека високото образование ни е важен приоритет“, рече Царовска.