Општината Приштина деновиве постави машини на кои граѓаните можат да извадат разни документи, како изводи од матичните книги или потврди за државјанство, без да мораат да чекаат редови и без какви било бирократски процедури.
Се што треба да направат граѓаните е да покажат личен документ, кој машината брзо го скенира. За надомест од едно евро, се добива печатена копија од потребниот документ, а целиот процес трае помалку од две минути. Машините работат 24 часа на ден, седум денови во неделата и тие треба да го олеснат животот на граѓаните. Еве како функционира машината.
Ова е прв ваков проект во некоја балканска земја, а приштинските локални власти и досега покажаа сличен дигитален и „е-пристап“ во олеснувањето на бирократските процедури. Општината планира да го зголеми бројот на вакви машини во градот кој има околу 200.000 жители, но и растечки број на граѓани кои доаѓаат од дијаспората во летните месеци. Поради ова, летото е посебно оптоварување за администрацијата, па се очекува дигитализацијата на издавањето документи да ја олесни работата на општинските административци.
Иако Косово е далеку од најразвиената европска земја во овој поглед – Естонија, која неодамна објави дека започнува проект за е-државјанство, балканската земја во последните години направи неколку чекори кон развивањето на дигиталните услуги – компаниите можат да пријават данок преку интернет, а постојат и планови за дигитализација на процесот на јавните набавки, во кои се забележани можности за корупција и нерегуларности.