Приоритет за вакцинација и протоколи за работа бараат од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници

Донесување на протоколи за работа и внесување во листата на приоритетни категории за вакцинација, се дел од барањата на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП) кои денеска ги упатија јавно до Владата.

На 21 февруари кога и се слави Светскиот ден на туристичките водичи тие исто од ресорното министерство бараат да одговорат на барањата за решавање на нивниот статус.

„Туристичките водичи се културни амбасадори на својата земја и со својата работа придонесуваат во развивањето на туризмот во својата држава и пошироко во регионот. Заради специфичноста и репрезентативноста на својата дејност ние сме од јавен интерес за државата. Но, за жал наместо на овој убав ден сите ние да сме горди на својата професија ние повторно сме заборавени од Владата“, стои во нивното соопштение.

Истовремено тие прашуваат зошто и според кои критериумите, туристичките водичи биле изземени од петтиот пакет на економски мерки, земајќи предвид дека, како што велат, се наоѓале во тешка состојба поради пандемијата, додека биле вклучени во претходниот пакет на мерки.