Примирјето во Јемен прекршено по само неколку минути

Склученото примирје во војната во Јемен било прекршено само неколку минути откако стапило на сила, соопштиле про-владини службеници, пренесува Би-Би-Си.

Завојуваните страни се согласија да биде воспоставено примирје во пристанишниот град Худајда на полноќ по локално време. Сепак има информации за спорадични пресметки меѓу Хути бунтовниците и про-владините безбедносни сили во градот кој е еден од клучните места за доставување хуманитарна помош.

Според информациите, бунтовниците гранатирале владини воени сили во источниот дел на Худајда.

Двете страни се согласија на примирје на преговорите под покровителство на Обединетите Нации кои се одржаа во Шведска минатиот четврток. Дел од вклучените во договорот се надеваа дека со тоа ќе се стави крај на скоро четиригодишната граѓанска војна која ја разурна земјата.

Според УНХЦР на 75% од популацијата во Јемен им е неопходна хуманитарна помош, а околу 18 милиони луѓе не знаат дали и кога ќе го добијат следниот оброк. Војната ги остави 25 проценти од децата надвор од образование, 16 милиони луѓе немаат пристап до чиста вода и основни хигиенски средства, додека 2 милиони граѓани биле принудени да ги напуштат своите домови.

Худајда се наоѓа 140 километри западно од главниот град Сана и е четврти најголем град во Јемен, како и еден од најголемите економски центри пред бунтовниците да ја преземат контролата во 2014 година. Од јуни градот е под напад на коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, кои ги заштитуваат јеменските про-владини воени сили.

Како пристанишен град градот е и единствен спас за скоро две третини од населението во земјата кои целосно зависат од увоз на храна, гориво и медицински средства.