Прилепчани утре ќе возат Критична маса: Сите сме сообраќај, да внимаваме повеќе!

„Па несреќи се случуваат. Таква е културата тука, што ќе правиш“. Општеството се однесува како безбедноста да е матно поле вон наша моќ, па сообраќајните судири ги нарекуваме „несреќи“ или „незгоди“, па се вадиме нон-стоп на културата како таа да е нешто непроменливо, велат од велосипедската иницијатива ПрилепНаТочак, кои утре (29 август) во Прилеп од 19 часот ја организираат 51-та Критична маса под име „Сите сме сообраќај, да внимаваме повеќе!“.

Иницијативата, сепак, потенцира дека сообраќајните судири не се вон наша моќ, има начини како да се намали веројатноста за нивно случувања. Културата на однесување во сообраќајот, пак, е нешто на кое може многу да се влијае преку дефинирање на правилата и преку нивно спроведување.

„Безбедноста во сообраќајот не е матно поле. Ако ги следиме оние градови и држави кои успеале да го намалат бројот на жртви од сообраќај, веројатно некои работи и ќе ни се разбистрат. Меѓу 150 и 200 жители на Македонија годишно го губат својот живот од сообраќај, од превезување, од нешто што треба да биде поврзување, апсолутно неоправдано и неприфатливо. Изминатата година, МВР утврдува вина кај возачите во дури 133 од 137 сообраќајни судири во кои животот го загубиле 155 луѓе, додека во само 4 случаи виновни биле пешаците. Главна причина за настанување на сообраќајни незгоди со тешки последици е брзото возење, односно речиси половина од жртвите (72 од 155) животите ги загубиле во судир настанат поради возење со брзина поголема од дозволената.
Секој пораст од 5 km/h го удвојува ризикот од судир во градска средина“, велат вело-активистите.

Токму поради тоа, нагласуваат од инцијативата, светска пракса е градските средини кои тежнеат кон поголема безбедност на своите граѓани да преземаат мерки кои се насочени токму кон успорување на автомобилското движење.

Тоа често подразбира и укинување на специјалните ленти за вртење во десно и лево и зголемување на пешачките пјацети и острови, стеснување на автомобилските ленти, спроведување на издвоена инфраструктура за пешаци и велосипеди насекаде, подигнувања и искривувања на коловозот итн. Со вакви измени, Њујорк, на пример, драстично го намали бројот на жртви на улиците

„Ве повикуваме во среда со заедничко возење на велосипеди низ улиците на градот да упатиме прашање до институциите за тоа кој е одговорен за порастот на жртвите во сообраќајот, дали одговорните немаат доволно капацитет и волја да се справат со овој проблем, дали мерките кои се преземаат се соодветни кога статистиката покажува дека не вродуваат плод, дали можеби сообраќајната инфраструктура на градот придонесува кон зголемување на оваа бројка и истата бара редизајнирање во насока на поголема безбедност на сите учесници?“, прашуваат од ПрилепНаТочак.

Флаер за 51-та Критична маса во Прилеп

За илустрација, за зголемување на безбедноста на своите граѓани, повеќе земји или пак градови во светот го применуваат концептот „Визија нула“, вклучувајќи ги Канада, Холандија, Шведска, Велика Британија и САД (или барем некои поголеми градови во нив). Според вело-активистите, овој концепт се базира врз принципот дека не може никогаш да биде етички прифатливо луѓето да бидат сериозно повредени или да починат како резултат на движење во сообраќајната мрежа.

Концептот подразбира одбирање на стратегии, поставување таргети и цели кои се стремат кон нула број на жртви, како и поделена одговорност на оние кои ги дизајнираат и користат патиштата, а не само на оние кои ги користат.

„И да потфрлат луѓето како поединци, сообраќајниот систем не смее да потфрли! Дали се прироритетите на институциите јасни или поматени во тој поглед? Приоритет на Градот треба да биде да обезбеди безбедни и проточни (но не и брзи) улици за сите типови сообраќај. Приоритет на полицијата треба да биде не да собере квота од казни, туку систематски да казнува за најопасните прекршоци во сообраќајот со цел нaјопасното однесување да го сведе на минимум. Кој ја мати безбедноста на велосипедистите, а и на другите ранливи учесници во сообраќајот? Да ставиме фокус на безбедноста“, се вели во најавата на ПрилепНаТочак за новата Критична маса.