Prilep Jazz Weekend слави 10 години јубилеј со настапи од 26 до 29 август

Од 26 до 29 август во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде одржано десеттото јубилејно издание на Prilep Jazz Weekend фестивалот.

Фестивалот ќе започне со настап на музичкиот проект „Кантон 6“, кој постои од 2000-та година и е пред се интелектуален производ на Синиша Евтимов, еден од водечките современи македонски театарски режисери и Мирко Попов, композитор/продуцент, диџеј, издавач и музичар.

Првата вечер од фестивалот ќе ја затворат „Летечки пекинезери“, бенд кој постои повеќе од петнаесет години на македонската џез сцена. Од првобитната формација трпи многу мали измени, но филозофијата на овој бенд, сепак, останува иста во текот на годините.

„Летечки пекинезери“ се Бојан Петков (гитара), Иво Солдатовиќ (кларинет), Петар Христов (тенорски саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас), Славчо Коцев (тапани).

Втората вечер ќе ја отворат „Taxi Consilium“, кои за себе велат дека се „спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите можни други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers…), поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, éminences grises кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ.“

Вториот дел од вечерта е резервиран за гитаристот  Тони Китановски и бендот „Панда 5“.

Станува збор за музичка лабораторија составена од врвни македонски џез артисти која изведува оригинални композиции од Китановски. Белег на овој состав е спонтаната и често колективна импровизација во солистички аранжерски манир. Нивниот прв албум насловен „Big City Scare” го издаде СЏФ во 2018. Во проширена формација насловена Toni Kitanovski Little Big Band повторно настапија на СЏФ минатата година.

Во Прилеп ќе изведуваат композиции од двете инкарнации на составот како и нешто ново. Заедно со нив ќе настапи и гостинот од УСА, трубачот Chad McCullough,  истакнат интернационален изведувач кој живее во Чикаго, Илиноис. Често соработува со белгискиот пијанист Bram Weijters и има настапувано со Tim Hagans, Dana Hall, Dave Douglas, Steve Coleman и Avishai Cohen. Неговиот последен албум, Forward беше прогласен за еден од најдобрите албуми за 2020 година во Chicago Tribune. Работи на факултет во одделите за џез на DePaul University и UW-Madison .

Третиот ден на фестивалот ќе ги претстави „Tribute to Jazz messengers“…  комбо состав од врвни македонски џез инструменталисти кој дава омаж на легендарниот бенд „Jazz messengers“.

„Јazz messengers”  почнуваат со работа во раните 1950-сти и се активни се до 1990 год. Низ составот ќе продефилираат повеќе еминентни џез артисти како:  Art Blakey( како лидер или ко – лидер на бендот), Kenny Dorham, Hank Mobley, Benny Golson, Lee Morgan, Wayne Shorter, Horace Silver, Freddie Hubbard, Curtis Fuler, Wynton  Marsalis, Brentford Marsalis и многу други. Групата секогаш била терен за млади артисти, а со самото членување во „Messengers” истите добивале легитимитет во џез светот.

Во нивната дискографија со огромно значење тие имаат неверојатни: 47 студиски албуми, 21 албуми во живо, 6 компилациски албуми и 2 албуми со наменска музика. Во него се вклучени: Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Андреа Мирчевска – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Зоран Костадиновски – гитара, Виктор Филиповски – тапани.

Џез викендот ќе го затвори составот на врвни музичари SAYUGÀ QUARTET feat. JURE PUK. Ѕвезда на вечерта е саксафонистот Јуре Пукл, артист кој живее и работи во Њујорк а образование завршил во Berklee Colege of music, исто како и познатиот пијано музичар Васил Хаџиманов, чие име веќе многу далеку одекнува во светот на џез, ворлд  и импровизираната музика. Тој зад себе има остварено многу значајни дела, одлични концертни настапи и со својот препознатлив виртуозен стил на музицирање значи многу повеќе од само едно обично отсвирување на музиката. Заедно со Оливер Јосифовски, кој пак е музичар слуган војска шо се вели, и Александар Петров, тапанар, перкусионист кој што долго време живееше во Париз, твореше во Њујорк го составуваат квартетот SAYUGÀ.

Ова година Prilep Jazz Weekend фестивалот нуди и OFF програма:

На 29 август, на локалитетот Врбјанска Чука (кај село Славеј) ќе се одржи перформансот LJUBOJNA AMBIENCE. Бендот веќе 20 години гради широк и слоевит звучен дизајн, менувајќи ги, раздвижувајќи и комбинирајќи ги звучните модели во различни созвучја.

Целосната програма со повеќе детали може да се види на следниот ЛИНК.