Приказни на три млади волонтерки од Скопје – Зошто треба да се волонтира?

Бисера Шегмановиќ, Енџи Николоска и Анастасија Јуруковска се три млади девојки од Скопје кои имаат заедничка желба – да помагаат онаму каде што ќе бидат потребни. Затоа волонтираат во различни настани, а се членови и на повеќе организации во земјава. За Радио МОФ велат дека волонтерството е начин за стекнување ново искуство и запознавање многу нови пријатели.

„Се обидувам да волонтирам на сите настани кои ми будат интерес. Најчесто преку лето волонтирам на ‘Македокс’, годинава ќе ми биде втора година, но и на ‘Д Фест’. Имам волонтирано и во Американското катче, а помагав и околу создавање на работилници во Џифони.“ раскажува Анастасија Јуруковска.

Таа мисли дека многумина се навистина  заинтересирани за волонтирање бидејќи тоа е начинот на кој најдобро се учи што значи тимска работа, уште како средношколец.

„Кога се пријавував во Американското катче, требаше да напишеме CV за нашите искуства и многу полесно беше да ме примат бидејќи имав волонтирано и претходно.“

Но, Бисера Шегмановиќ, активен учесник во клубовите за дебата и право на Младинскиот образовен форум, не се согласува дека нејзините врсници се заинтересирани за волонтерството. Вели дека само луѓето коишто ги познава од МОФ волонтираат на различни настани. Нејзините пријатели од училиште, пак, забележува,  не се заинтересирани ниту за часовите кои таа ги посетува во клубовите, а уште помалку за волонтирање.

„Кога станува збор за искуството, го стекнувам учествувајќи на едукативни настани на коишто јас би можела да научам нешто ново, стекнав многу нови познанства откако сум член на групата на МОФ и учествувам на повеќето настани што се организираат токму од МОФ,“ вели Бисера.

Енџи пак била волонтер на „Арт Симпозиум“, „Прво па Женско“ и на многу други настани. Таа раскажува, дека по препорака на нејзиниот професор Сидо, кој бил во комисија на натпревар на Народна Техника од областа на видеотехника, таа одлучила да се испроба прво како дел од младото жири на Македокс, а потоа како волонтер, позиција која ја има до ден денес.

„Како волонтери, најважната работа е што сите сме дел од таа голема Македокс фамилија, а потоа помагаме околу просторот, средуваме и расчистуваме во голема атмосфера и хармонија, а помагаме и околу подготовката за секоја следна проекција.“ – вели Енџи.

И за неа, бенефитот од волонтирање е запознавањето на нови луѓе и стекнувањето на ново иксуство, кое го црпи од секој настан.

Во слободно време, освен волонтирање, особено во летниот период, Енџи пишува песни и се релаксира со кореграфија, Бисера чита книги, а Анастасија црта и размислува за запишување на факултет.

Ана Илиева и Стефан Митиќ