Дистописката телевизиска серија „Приказната на робинката“ (The Handmaid’s Tale), победи во пет категории на овогодишните Еми награди, помеѓу нив и најпрестижната награда за најдобра серија-драма, најдобра режија, најдобра актерка (Елизабет Мос) и најдобра споредна актерка (Ен Доуд).
Хулу, кои ја спонзорираа продукцијата на „Приказната на робинката“, со наградата стана прв стриминг сервис кој ја добива оваа најпрестижна награда во телевизиската индустрија, победувајќи ги поголемите компании како Нетфликс и Амазон.
Серијата е снимена според романот на Маргарет Атвуд од 1985 година, во кој е прикажан дистопискиот свет во кој се укинуваат женските права и тие стануваат „предмети“ кои служат за раѓање на деца.
Политиката беше во центарот на церемонијата. Водителот Стивен Колбер, како и неколку од победниците на церемонијата, не пропуштија да го искористат моментот на сцената и да испратат политички пораки кон претседателот Доналд Трамп.
„Конечно господине претседателе, еве го вашето Еми“, изјави Алек Болдвин додека ја примаше наградата за најдобар спореден актер во серија-комедија, за имитирањето на Трамп во „Саботна вечер во живо“ (Saturday Night Live), исмевајќи се со изјавата на претседателот дека требал да освои Еми за неговото шоу „Кандидатот“ (The Apprentice).
„За разлика од претседателската функција, Еми наградите одат кај тој што освоил повеќе гласови од јавноста“, саркастично коментираше Колбер.
„Големи мали лаги“ (Big Little Lies) исто така освои пет награди, во категоријата – ограничена серија, додека победници во своите категории беа и Никол Кидман и Лора Дерн.
„Моќта на телевизијата не восхитува, вие ни дозволувате да влеземе во вашите дневни соби… Но, колку што шоуто има забавна вредност, се работи и за прашањата кои ги отвара“, изјави Кидман во говорот по примањето на наградата.
Британскиот комичар Џон Оливер и неговиот тим сценаристи освоија две награди за неговото сатирично шоу „Минатата недела вечер “ (Last Week Tonight).
Џулија Луис-Драјфус петта година по ред победи во категоријата најдобра актерка во комедија, додека серијата „Заменик Претседател“ (Veep) ја освои наградата трета година по ред.
Серијата „Игра на Троновите“, која беше голем победник на претходните изданија на Еми, оваа година не ги исполнуваше потребните услови за да биде земена во предвид, бидејќи последните епизоди од минатата сезона не беа емитувани додека се утврдуваа номинациите за наградата.