Приказната на Алекс Ристовск, транс маж во Македонија

„Не се доживувам себе си како различен, сепак сум човечко суштество како и сите останати. Разликата е во тоа што имам поинаква сексуална ориентација и мојот родов идентитет не се совпаѓа со она што е напишано кога се имам родено“, вели Алекс Ристовск за својата трансродовост.

Дел од својата лична приказна ја раскажува во првата епизода од „Квир клуб“, посветена на ЛГБТИ заедницата во Македонија. Тој говори за сопствениот живот како транс маж во Македонија, и за моментот кога сфатил дека е поразличен од останатите.

„На 20 година конечно ја признав својата сексуална ориентација, а неколку години подоцна сфатив дека не се чувствувам како жена“, вели Алекс.

За разлика од многумина од ЛГБТК заедницата, Алекс е среќен што добил поддршка од своето најблиско семејство, и најблиските пријатели. Но не и од општеството во кое живее.

„Дефинитивно не е лесен овој живот. Луѓето околу постојано го усложнуваат со нивните коментари и очекувања, дали тоа се коментари на ТВ, или кога некој не ме познава ќе коментира дека тие луѓе се ненормални“, забележува.

Во моментов е во процес на промена на своето име, од Елена во Алекс, и се надева дека институциите ќе му излезат во пресрет.

„Јас не станав трансродово лице кога се сретнав со тој термин (трансродовост), туку ми се разјасни процесот кој го доживував претходно. Во моите тинејџерски години секогаш се идентификува и градев преку машките ликови и машките идоли. Меѓутоа, не знаев дека за ова постои термин. Кога наидов на тоа објаснување, ми стана многу полесно да сфатам, да се прифатам себе си и да дојдам до тој степен да го живеам отворено тоа што сум“, вели Алекс.

Целата приказна слушнете ја во „Квир клуб“, на Радио МОФ.