Прикажување на „Тото и неговите сестри” и дискусија во Битола

Невладината организација ХЕРА заедно со Фондацијата Отворено општество – Македонија организираат две проекции на „Тото и неговите сестри”, дело на романскиот режисер Александар Нанау.

Снимен во 2014 година, филмот досега е добитник на многу меѓународни награди меѓу кои и француска награда за култура во категорија студентско кино на Канскиот филмски фестивал.

Тото и неговите сестри се оставени сами на себе, но можат да изберат да одат по патот на нивната мајка, вујковците и нивните пријатели кои препродаваат дрога или да ги прифатат предизвиците и преку одбегнување на пороците, чекор по чекор да излезат од кругот на сиромаштијата и да се упатат кон успехот.

90-минутната филмска приказна ќе се прикажува двапати – на 15 март (петок) во Центар за култура Битола, и на 22 март (петок) во скопското Кино Култура. Почетокот на проекциите е закажан за 18 часот, а влезот е бесплатен.

По проекциите ќе следува панел-дискусија со личности од областа на здравството со кои ќе се разговара за негативните наративи кон Ромите, а особено во здравствените установи.