„Пријави корупција“ – нова интернет платформа

„Пријави корупција“ (prijavikorupcija.mk) е нова интернет платформа на која граѓани ќе можат да пријавуваат случаи на коруптивно кривично дело како злоупотреба на моќ, сомнителни јавни набавки и тендери, поткуп, коруптивно вработување, судир на интереси, злоупотреба на податоци…

Освен ова, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, ги информира граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и за обврските за пријавување до надлежните институции.

Платформата е изработена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и беше промовирана денеска пред студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Тие може директно да ја тестираат, во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9-ти декември.

„Врз основа на позитивните искуства на Хелсиншкиот комитет од пријавување на дела од омраза преку интернет, и оваа платформа е осмислена како мост или алатка каде што граѓаните ќе можат безбедно и со доверба да пријават корупција, било да се жртви, сведоци или од друга страна да имаат информација’’ изјави претседателот на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет, професорот Гордан Калајџиев.

Нагласи дека Комитетот ќе обезбеди анонимно и безбедно пријавување, како и бесплатна правна помош во случаите каде што тоа е потребно.