Пријавена дискриминација – „Знаевте ли дека Ромите имаат право само еден ден во неделата да се капат на базен?“

Од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ информираат дека на 26 јуни, млада девојка од Ромската заедница  се соочила со директна, интерсекциска дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, национална и етничка припадност во неколку локали, но и во Полициското одделение Шуто Оризари.

Според Здружението, на девојката не ѝ било дозволено да го користи базенот во еден од локалите со зборовите „Вие сте Роми и нема да бидете примени на базенот“, додека сите други од друга етничка припадност, влегле и уживале во неделното попладне.

„Кога вработеното лице од локалот слушна дека ќе биде повикана полиција за овој настан, а кога пристигна полицискиот службеник, најде изговор и упати дека Ромите ќе бидат примени само во вторник. Дали треба ние, да имаме право на само еден ден од неделата, притоа, одвоени од сите останати граѓани? Притоа, на ваквата информација, дури и самиот полициски службеник, кој воедно е припадник на Ромската заедница, одговори дека ова не е дискриминација“, се вели во соопштението.

Според Иницијативата, девојката побарала полицијата да направи записник од настанот, со цел да го докаже настанот пред надлежните институции.

„Службеното лице на ова упатило дека таков документ не може да биде издаден и била повикана истиот ден во Полициското одделение Шуто Оризари. Разочарана од целокупниот однос, таа, заедно со своите пријатели, биле приморани да го поминат неделното попладне на друга локација, токму поради тоа што од сите три базени била дискриминирана само поради фактот што е Ромка“, велат од невладината организација.

Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари дополнуваат дека дискриминираната девојка веќе наредниот ден повторно се обратила до Полициското одделение Шуто Оризари, но полицискиот службеник кој бил запознаен со предметот не бил на работа, па таа одново го објаснувала настанот на службите.

„Таа повторно побарала да се изготви записник, но тамошните полицајци истакнале дека воопшто не е евидентиран настанот на кој полицискиот службеник излегол на терен. Поради тоа, тој само изготвил поплака, за што и кажал дека ќе биде побарана од страна на службеното лице за дополнителни информации“, велат од Здружението.

Оттаму дополнуваат дека по искуството со локалите и полицијата, девојката го пријавила случајот во  Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Шуто Оризари.

Иницијативата на жени од Шуто Оризари заедно со невладината организација ХЕРА поднела Претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискиминација и до Народен Правобранител, со надеж за утврдување на дискриминацијата.