Прифатните центри и кампови во земјава згрижуваат околу 300 бегалци

Вкупниот број на бегалци во кампот Винојуг во Гевгелија е 133 лица, додека во транзитниот центар Табановце кај Куманово престојуваат околу 125 лица, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права во неделниот извештај за состојбата во граничните области каде се згрижени бегалци и мигранти.

Поради високите температури и рамазанските постови, намалено е движењето на бегалците во гевгелископт камп, а 14 од нив побарале азил во Македонија.

„Тие беа однесени во полициската станица во Гевгелија, каде што беа интервјуирани од страна на Комисија задолжена за одлучување по барања за азил. Комисијата ги одби нивните барања, по што бегалците беа вратени во кампот. Во текот на седмицата, вкупно 80 бегалци кои беа затекнати по илегални патишта, беа пренесени кон грчка територија откако им беше укажана хуманитарна помош. Меѓу нив се наоѓаа бегалци со различно потекло, како Египет, Мароко и Пакистан“, нотираат од Хелсиншки.

Во Табановце пак се работи на подобрување на инфраструктурата на кампот, а неколку бегалци кои се обиделе да го напуштат кампот, се спречени од полицијата. Од Хелсиншки забележуваат дека бегалците се обидуваат да го напуштат кампот и преку товарните возови кои одат за Србија, но обидите се неуспешни поради строгите проверки.

Во двата прифатни центри во земјава пак се згрижени четириесетина бегалци. Моменталната бројка на бегалци во Прифатниот центар за баратели на азил во Република Македонија изнесува 14, додека во Прифатниот центар за странци во Гази Баба бројот на бегалци е 25 лица.