Презентирани резултати од проектот за признавање на професионалните квалификации

Презентирани резултати од проектот за признавање на професионалните квалификацииПроектот за признавање на професионалните квалификации кој Министерството за образование и наука го почна во 2011 и го спроведува со партнери од Велика Британија е во фаза на разгледување на професиите и секторите кои треба да се усогласат на барањата на ЕУ, пренесе МИА.

„Опфативме широк спектар на различни професии од повеќе дејности, како што се здравствената, градежната, банкарската  и редица други, се со цел да обезбедиме дека тоа што се стекнува како квалификација во тие професии е изедначено со квалификациите  што се стекнуваат на ниво на ЕУ“, вели експертот Клауд Баи Јун од УК НАРИК Центарот – британскиот партнер за реализирање на проектот.

Формирана е и меѓуресорска координативна група и усвоен е правилникот за  водење на регистарот на секторски професии и регистарот за професии од генералниот систем на регулирани професии, како и за водење евиденции и регистри. Подготвена е анализа на засегнати страни во процесот на заемно признавање на професионални квалификации во која досега се дефинирани околу 100 регулирани професии, пренесува агенцијата МИА.

„Суштината на проектот е едноставна – ако некој турист сака да оди на одмор во некоја држава, ќе може да влезе со пасош кој претходно е признат. Аналогна на тоа е и целта на проектот – квалификациите, стручното и професионалното искуство кое едно лице претходно ги стекнало, на ист начин да бидат признати во државата каде што тоа лице оди…. Без разлика дали сте акушерка, архитект, адвокат, вашите вештини можете да ги пренесете во друга земја и да знаете дека ќе ви бидат признати, и ќе знаете дека инвестицијата во вашето образование и вештини, која траела многу години, ќе биде многукратна придобивка за вас и за вашето семејство. Со овој процес земјата уште поблиску се доближува до Европската унија и нејзините стандарди“, истакна британскиот амбасадор Кристофер Ивон.

Министерот Кралев посочи дека иако Законот за признавање на професионалните квалификации, кој беше усвоен во 2010, ќе стапи во сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ, во изминатите 18 месеци се преземени повеќе подготвителни активности.

„Една од најзначајните активности е градењето административни капацитети и подигање на свеста на институциите кои се вклучени во процесот на признавање на професионалните квалификации. Процесот ќе продолжи со обезбедување соодветни обуки кои ќе опфатат што поголем број лица“, истакна Кралев.