Презентирана училишна сообраќајна единица во „Боро Петрушевски“

Во насока на зголемување на безбедноста во соообраќајот, денеска беше презентирана училишната сообраќајна единица во рамки на средното училиште  „Боро Петрушевски“. Станува збор за единица која е формирана во рамки на проект и по препорака на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во Град Скопје.

„Во училишната сообраќајна единица членуваат 20 ученици од втора, трета и од четврта година и истите ги исполнуваат условите предвидени со Правилникот за организација, обука и начин на работа на училишните сообраќајни единици. Членовите на сообраќајната единица во наредниот период ќе работат на терен заедно со претставниците од МВР за подигање на јавната свест и свеста за  одговорноста на сите учесници во сообраќајот и ќе ги предупредуваат и едуцираат сите учесници во сообраќајот коишто ги прекршуваат сообраќајните правила“, рече денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Како што нагласи тој, членовите од единицата поминале теоретска и практична обука, реализирана во 36 наставни часови и притоа биле едуцирани за повеќе области од сферата на сообраќајот – сообраќајните знаци и ознаки на коловозот, правилата на сообраќајот на патиштата, возачките исправи, регистрација на возилата, хуманите односи меѓу учесниците во сообраќајот и слично.

„По обуката сите членови на оваа единица добија соодветни сертификати“, додаде Трајановски.

Според претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Стојче Стаменковски, формирањето на оваа единица значително ќе се придонесе за зголемување на свеста на граѓаните за опасностите кои може да настанат со несоодветно движење и непочитување на правилата, а со тоа и на општата безбедност во сообраќајот.

„За нас е значајно да ги потенцираме двата аспекти и продобивки што ќе се добијат од промовирањето на оваа единица. Првиот е сообраќајниот аспект, каде што влегува намалувањето на сообраќајниот метеж, зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, како и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Вториот е едукативниот аспект, каде што ќе ја едуцираме помладата популација за сообраќајните правила и култура“, изјави Стаменковски.

Членовите на единицата ќе бидат препознатливо облечени во портокалови елеци на кои е напишано името „Училишна сообраќајна единица“ и безбол капчиња со кратенката „УСЕ“. Покрај облеката ќе бидат опремени и со сите потребни реквизити за регулирање на сообраќајот.

Инаку, проектот за формирање на првата училишната сообраќајна единица, покрај Град Скопје и Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во Град Скопје и автосообраќајниот училишен центар СУГС „Боро Петрушевски“, стручно и материјално го помогнаа Министрството за внатрешнии работи, СВР Скопје-Одделение за превенција, Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и ЈСП-Скопје.