Презентација за урбани градини за зелени градови со Јан Зијлстра

Досега, растот и развојот на градовите со себе носеше борба со природата и обид за нејзина доминација. Еден производ на оваа борба е отуѓувањето на луѓето од природата, отсликано и во меѓучовечките односи.

Пермакултурата како систем на алатки за еколошки дизајн на одржливи системи, нуди многу можности и долгорочни решенија за создавање одржливи земјоделски продуктивни, и незагадени, здрави населби. Еден нејзин аспект се колективните урбани градини, односно растење и одгледување храна во градовите, со минимален напор. Овој концепт не претставува бегство од градовите, туку нивна симбиоза со природата, а со тоа и повторно оживување на чувството на заедништво и споделување.

Какви се шансите оваа идеја да се примени во нашите градови, наспроти проблемите со кои се соочуваме (загаденост, инфраструктурни проблеми, недостаток на погодна земја)? На ова прашање ќе се дискутира на презентацијата подготвена од Холанѓанецот Јан Зијлстра, кој долги години патувал, работел и живеел во Европа, Азија, Австралија, Централна и Јужна Америка.

Преку оваа презентација ќе се запознаат основните идеи на пермакултурата и ќе се истражат можностите и предизвиците за создавање одржлива заедница во современиот контекст на нашето поднебје. Таа ќе се одржи во вторник (22 ноември), во кино Култура.

Зијлстра е ученик на Бил Молисон и Џеф Лотон, зачетниците на пермакултурата, и работи во областа на одржлив развој, пермакултурен дизајн и градење со природни материјали. Денес е дел од Кален – платформата за личен развој и одржливи начини на живот.