Презентација на современа уметност и активизам од Македонија во Дубровник

Во наредните три дена (14-16 септември) уметникот Филип Јовановски, историчарот на уметност Никола Писарев и кураторката Ивана Васева гостуваат во Дубровник во рамки интернационалната конференција „Урбани култури на крстопати“ во Интеруниверзитетскиот центар во Дубровник каде претставуваат неколку свои проекти.

Филип Јовановски и Никола Писарев денес (14 септември, понеделник) имаат излагање насловено „Го сакам Градскиот трговски центар (ГТЦ)“: проект за зачувување на автентичната архитектура на ГТЦ“ во рамки на конференцијата „Урбани култури на крстопати“ во Интеруниверзитетскиот центар во Дубровник.

Ова е прво интернационално претставување на активистичките дејствувања околу Градскиот трговски центар во Скопје обединети околу Иницијативата „Го сакам ГТЦ“, надвор од македонскиот контекст.

Ивана Васева и Филип Јовановски пак во среда (16 септември) имаат презентација и јавен разговор на нивната заедничка работа насловена „Сликата избледе во ништавилото – уметничка продукција од перспектива на ништавилото“ во Уметничката работилница.

Гостувањето е резултат на неколкугодишната соработка на организацијата „Факултет за работи што не се учат“ од Битола/Скопје со организацијата „Фрлачи на сенки“ (Bacači Sjenki) од Загреб и формираната платформа „Урбано зуење“ (Urban Hum) кои се коорганизатори на конференцијата заедно со Универзитетот Chulalongkorn во Банкок, Универзитетот во Дубровник и Универзитетот во Осло.