Утре со почеток во 19 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје, презентација ќе одржи Рикардо Пасони, директор на Галеријата на модерната и современата уметност во Торино, Италија.
Од МСУ – Скопје посочуваат дека „Галерија на модерната и современата уметност“ е музеј отворен пред 155 години и совршено се вклопува во параметрите на ИКОМ музеите. Колекцијата, што ја сочинуваат над 47.000 аквизиции, постојано се збогатува со дела, почнувајќи од доцниот осумнаесетти век па сѐ до денес. Истата е во константен пораст благодарение на придонесот од Фондацијата Гвидо и Еторе де Форнарис и Фондацијата CRТ за современа уметност.
Колекцијата е главно составена од неколку централни групи: регионална и национална уметност на деветнаесеттиот век; италијанска уметност на дваесеттиот век; современа италијанска и модерна интернационална уметност; како и огромна колекција принтови, а од неодамна, колекција на фотографии.
Моменталната поставка низ Музејот ги потенцира почетните фази на музејското минато, со особено внимание на начинот на кој историјата на Музејот се испреплетува во различни контексти со локалните и регионалните настани. Тоа е проследено со вредната за спомнување отвореност на Музејот кон интернационалната уметност по Втората светска војна, која не недостасува и во тековниот избор на уметнички дела. Во тоа време Музејот почнал да го прифаќа и јазикот на новата уметност: експерименти од 60-тите години со фотографијата и уметничките видеа и филмот, сфера во која колекцијата на GАМ е водечка во Италија.
Дигиталната ера ги подобрува археолошките и архивските перспективи на знаењето: ова е основната идеја што стои зад новата музејска инсталација.
Во прилог на извршувањата на сите задачи што произлегуваат од кураторството и од проширувањето на колекциите, Музејот, исто така, активно е вклучен во едуцирањето на широката публика.
Основната мисија на Музејот во иднина е да даде преглед на модерната колекција, која ќе биде надградувана, и која според големината е единствена во Италија, на национално и интернационално ниво. Интерпретацијата на историјата на уметност низ минатите педесет години сѐ уште не е дефинитивно етаблирана. И токму поради таа причина поставките ќе бидат променливи со цел да се понуди увид во интерпретацијата на колекцијата.