Презентација на 30 универзитети на Саемот на студии во Франција

Францускиот институт во Скопје и одделот за високо образование Кампус Франс го организираат и ова издание на Саемот на студии во Франција, кое ќе им овозможи на учениците и на студентите, на професорите и на родителите да се сретнат со бројни претставници на француски универзитети и високи школи и да добијат информации за различните студиски програми кои ги нудат француските високообразовни институции.

Овогодишното издание на Саемот на студии ќе понуди разновидна програма и присуство на претставници или алумни на околу 30 француски универзитети, кои ќе бидат присутни за разговор со заинтересираните. Воедно, предвидена е и програма за он-лајн разговори со македонски студенти, кои во моментов престојуваат во Франција.

Новитети на овој Саем се промоција на новата програма за пракса во успешни француски компании – „Идни професионалци“, и јазичното интерактивно катче „Провери го твојот француски!“, кадешто посетителите преку квизови и разновидни забавни активности ќе можат да го проверат нивото на познавање на францускиот јазик.

Овој настан е дел од Регионалниот патувачки саем на студии во Франција кој посетува повеќе земји на Балканот: Бугарија, Србија, Босна, Црна Гора и Македонија.

Саемот ќе биде официјално отворен во понеделник (2 ноември) 12:30 часот.