Претставници на „Твитер“ пристигнаа во Турција

Претставници на компанијата „Твитер“ денеска пристигнаа во Турција на преговори за отворање на своја канцеларија во земјата, јави ДПА.

Претставници на „Твитер“ пристигнаа во Турција

Се очекува претставниците на компанијата, меѓу кои е и потпретседателот на „Твитер“, Колин Кровел, во Анкара да разговараат со службеници на Дирекцијата за телекомуникации и на Институтот за телекомуникациски технологии, пренесе МИА.

Посетата на делегацијата на „Твитер“ на Турција се случува во време на несогласувања во врска со соддржината на сајтот, како и по обвинувањата на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во текот на викендот дека оваа социјална мрежа затајува даноци.

Во март Турција го блокира пристапот до „Твитер“, откако на социјалната мрежа беа објавени снимки на телефонски разговори, со кои Ердоган и неговото опкружување беа директно вовлечени во огромен корупциски скандал. На почетокот на овој месец, меѓутоа, Дирекцијата за телекомуникации ја укина забраната, откако Уставниот суд утврди дека таа ја крши слободата на изразување.