Претставка за однесувањето на полицијата по протестот на #НеБидиЃубре пред Влада

Хелсиншкиот комитет за човекови испрати претставка до Министерството за внатрешни работа поради непрофесионално постапување на полициски службеници за време на акцијата пред Влада на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“. Акцијата вклучуваше собирање ѓубре од околината на владината зграда, негово симболично „палење“ со употреба на дим-машини и агрегат, како и договор со Комунална хигиена вреќите по акцијата службата да ги собере од пред Влада.

[Фото] Активисти „запалија“ ѓубре за да ѝ засмрди и на Владата

Како што појаснуваат од Хелсиншкиот комитет во претставката, иако акцијата поминала во најдобар ред, по нејзиното завршување се појавило полициско возило со четворица полицајци кои легитимирале дел од граѓаните што останале да ги соберат реквизитите за протестот.

„Полициските службеници побарале организатор и пријава на протестот/акцијата. Откако лицето Јасмина Голубовска им посочила дека ги исполнуваат условите за мирен јавен собир и слободно изразување согласно Уставот и Законот за јавни собири и дека истите не предвидуваат пријавување на настан до полициска станица, видно револтирани, полициските службеници инсистирале дека тоа не е вистина. Воедно, Голубовска потенцирала дека согласно Уставот на РМ правото на слободно здружување не може и не е ограничено со имање/немање организатор или организација, по што било побарано од неа да се легитимира со закана дека ќе биде казнета за оставање на ѓубре на тревна површина. Останатите активисти како и таа, посочиле дека ѓубрето ќе биде собрано од страна на јавното претпријатие Комунална хигиена и дека се во комуникација за подигнување на ѓубрето, но, им било наредено да не мрдаат од местото на настанот, иако веќе биле легитимирани и им било дадено појаснување за акцијата, сепак,  полициските службеници продолжиле со дрзок однос и вербални закани за казни“, стои во претставката.

Полицајците не им забраниле на присутните да го напуштат местото, ама им се заканиле дека ако тоа го сторат пред да стигнат комуналните служби, ќе бидат казнети.

„Голубовска им нагласила дека со другите две активистки ќе се придружат на поголемата група која продолжи со еко-активностите во паркот од спротива на Владата, дека Комуналната служба ќе пристигне секој момент и дека полициските службеници можат слободно да се приклучат или да ја следат акцијата. За жал, иако Комуналната служба во меѓувреме пристигнала, го собра ѓубрето и потврди дека е во комуникација со активистите за оваа акција, заканите за казни продолжиле по пат кон паркот во форма на недолични довикувања од страна на полициските службеници“, појаснуваат од Хелсиншки во претставката до МВР.

Активистите прво за случајот побарале помош од Хелсиншкиот комитет, од каде претставката ја упатиле до одделот за внатрешна контрола при МВР.