Претстави, перформанси, концерти и работилници на годинешниот МОТ

Овогодишниот Млад отворен театат (МОТ) ќе понуди вкупно 21 претстава и перформанси, два концерти, работилници и промоции. МОТ го слави својот 44 роденден, започнува на 13 и ќе трае се до 21 септември.

Фестивалот ќе се одвива на повеќе сцени од кои две во МКЦ Скопје, една во Велес во театарот „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“, потоа во Железинчката зграда во центарот на Скопје, Кино Култура, Национална опера и балет, Театар Комедија и Драмски Театар Скопје.

Фестивалот во петок се отвора со „Оваа зграда зборува (на)вистина“.

Покрај неа, на фестивалот ќе гостува и познатиот режисер Томи Јанежиќ со својата деветчасовна претстава „Сè уште без наслов“.

На музичката програма се најавени два концерти, едниот „The Tiger Lillies“, британското кабаре – трио кое беше номирано за Греми. Покрај нив свој настап ќе имаат и култниот Хрватски бенд „Шумски“.

„Во текот на наредните неколку дена можеме да ги погледнеме едни од најдобрите домашни театарски претстави, меѓу нив и овогодинешната добитничка на Златната Трига на Прашкото квадриенале ‘Оваа зграда зборува (на)вистина’, рече денеска директорот на Младински Културен Центар, Русе Арсов, кој на прес-конференција ја најави програмата за МОТ.

Тој додаде дека на затварањето на Фестивалот ќе се претстават гостите од Атина со претставата насловена како „Чист град“ која ги разработува стереотипите преку погледи и лични искуства на вистински експерти коишто се однесуваат до чистотата: жените имигрантки, чистачки на Атина.

На прес-конференцијата присуствуваше Филип Јовановски, авторот на „Оваа зграда зборува (на)вистина“ кој го изрази своето задоволство да се биде дел од овој фестивал.

„Ова е нашата прва проекција дома, по Прага, и особена чест ни е што тоа е токму на МОТ. По ова ни претстои еден прилично зафатен период. Веднаш по МОТ се пакуваме и одиме во Нови Сад каде ова дело ја има својата следна изведба“, рече Јовановски.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пак, нагласи дека фестивалот ја продолжува традицијата, а градот во него препознава фундаментална институција од областа на културата.

„Затоа и оваа година градот застана зад фестивалот со финансиска поддршка од 3 милиони денари. Ги повикувам сите кои можат да го посетат овој фестивал бидејќи нуди една навистина богата и квалитетна програма“, рече Шилегов.