Претставени десет бизнис идеи на третата Smart Up конференција

Десет учесници на втората Start Up академија ги претставија своите креативни бизнис идеи на третата Smart Up конференција, која се одржа вчеравечер (16 септември) во Куршумли ан во Скопје. Оваа академија е иницијатива на млади и амбициозни луѓе, а нејзина цел е да ги спои и мотивира младите со идеи како да направат промена во општеството.

„За моето кратко време поминато овде, не можам да се сетам на поенергична и поамбициозна група млади луѓе кои ме воодушевија со нивото на амбиција и способноста да ги реализираат проектите и да се вмрежуваат“, изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, на конференцијата.

„Како што многумина од вас знаат, изминатиов период учествував во политички преговори. Вообичаено, кога излегувам од таков настан, новинарите ме прашуваат дали сум оптимист или песимист за иднината на оваа земја. Но, тоа што сега сум помеѓу толку креативни и талентирани луѓе, ме прави многу оптимистичен за иднината на оваа земја, во рацете на луѓе како вас“.

Smart Up конференцијата е производ на соработката и иницијативата на Summer Work & Travel Alumni, концепт кој Марко Георгиевски и осуммина други ентузијасти како него го започнале пред три години. Нивната идеја била да започнат иницијатива која ќе ги мотивира младите да започнат нешто сами и да запливаат во претприемачките води.

„Сите претприемачи бараат начин да заштедат средства и да ги инвестираат во својот стартап, за да создадат и негуваат нешто свое, производ преку кој ќе градат кариера. Токму затоа, академијата е проект кој ќе ги канализира и спои сите млади со идеја да направат промена во ова општество. На долг рок, можеби е предизвик, но секако би придонеле да се намали невработеноста кај младите луѓе“, вели Георгиевски.

Start Up академијата трае една година, во која младите кои аплицираат со свои бизниси понатаму ги развиваат со помош на искусни ментори, за на крајот таа идеја да биде реализирана и да функционира на македонскиот пазар.

Своите бизнис идеи на публиката ги презентираа десет учесници на академијата. Имаше голема разновидност во идеите: од концентрациска соларна елетрана, до дигитално радио и видеопортал за детски емисии и музика и дизајнирани филтер-маски за загаден воздух.

По презентациите следуваа говорите на Ѓорѓе Војновиќ, поранешен македонски кошаркарски репрезентативец и претседател на управниот одбор на Винер животното осигурување и Анита Латифи од Албанскиот Театар во Скопје, кои со присутните ја споделија својата успешна бизнис приказна.

„Кошарката и спортот ме научија на живот. Ме научија дека напорната работа е клуч на успехот. Научив да го почитувам тимот и поединецот. Научив да ја почитувам конкуренцијата и сето тоа да го применувам во денешната професија“, вели Војновиќ.

Со конференцијата и официјално беше свечено испратена втората генерација на Start Up академијата. Аплицирањето за третата академија ќе започне на 1 октомври.

Стефанија Тенекеџиева