Претставата „Вистинскиот запад“ по текст на Сем Шепард, а во режија на Борис Василески премиерно ќе се одигра вечерва и утревечер (26 и 27 септември), со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар.
Ликовите ги толкуваат младите Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев како и Тања Кочовска. Сценографијата и светлото се на Мартин Манев, костимографијата на Симона Даноска, музиката на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски а постерот на Ана Јачева. Извршен продуцент е Ава Хусеини.
Драмата „Вистинскиот запад“ е номинирана за Пулицерова награда во 1983 и како дел од овој проект за првпат на македонски јазик е преведена од Марио Стојаноски.
„Сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите? „Вистинскиот запад“ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил досега?“ не исчезнува“, стои во најавата за настанот.
Билетите се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку следниов ЛИНК.
Изведбите на претставата се организираат согласно актуелните протоколи за организација на настани.
Следни датуми за изведба се во месец октомври.
Проектот е поддржан од Министерство за култура на Северна Македонија.