Претставата „Странци“ и концерт на германско дуо вечерва на „Охридско лето“

Осумнаесеттиот ден на годинешното „Охридско лето“ на програмата нуди два настани – театарската претстава „Странци“ на Драмскиот театар од Скопје која од 21 часот ќе се прикаже на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ и концерт на германското дуо Рубенс Турку на виолина и пијанистката Милана Чернјавска во „Света Софија“ исто така од 21 часот.

За театарската претстава „Странци“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје, може да се каже дека е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.

Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, режисерка е Нела Витошевиќ, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

 

Во рамките на музчката програма на Фестивалот „Охридско лето“, вечерва ќе се одржи и концерт на германскиот виолинист Руденс Турку и германско- украинската пијанистка Милана Чернјавска. На програмата се дела на сонати за пијано и виолина на Григ, Бетовен, Дворжак.

Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На тие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска и голем број значајни музички ансамбли и оркестри.

Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Тој е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата „Пероси“ во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот.

Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки денес. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност Чернјавска е позната и како камерен изведувач.

Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари.