Претставата „Опасни врски“ вечерва на „Охридско лето“

Во предворјето на црквата Св. Софија, вечерва со почеток во 21:00 часот, во рамките на фестивалот „Охридско лето“ публиката ќе има можност да ужива во претставата „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло која донесе една нова, сосема поинаква естетика во театарот „Вера Комисаржевскаја“. Режисер на претставата е Дејан Пројковски.

Епистоларниот роман е приказна за љубовта, страста, разочарувањето, прељубата, болката и изневерувањето. Тоа е претстава којашто е доста жестока и сурова, приказна за Валмонт и Мертеј, за двајца луѓе кои поради минатото не можат да ја живеат сегашноста.

Претставата зборува за сложните односи помеѓу мажите и жените, за вечната борба помеѓу двата пола, а ликовите се во постојана потрага по љубовта.

Претставата е добитник на Наградата за најдобра претстава и најдобра режија на Меѓународниот театарски фестивал ФИАТ, Црна Гора.

Пројковски е роден на 6-ти август 1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Република Бугарија. Тој е едно од водечките имиња во македонската режија. Работи како професор по актерска игра и театарска режија на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Има остварено значајни театарски режии од кои како позначајни се издвојуваат: „Опасни врски“, „Хамлет“, „Смртта на Дантон“, „Црнила“, „Бегалка“, „Бечната куќа“, „Галеб“, „Тартиф“,„Прометеј“, „Ромео и Јулија“, „Каренина“, „Генетика на кучињата“, „Јонадаб“, „Падот на невиноста“, „Браќа Карамазови“… Како режисер добитник тој и неговите претстави се наградени со голем број награди и признанија на домашни и на меѓународни фестивали. Неговите претстави гостувале во повеќе земји низ Европа како Италија, Германија, Франција, Англија, Русија, Бугарија, Србија, Турција, Полска, Хрватска и Словенија.