Претставата „Нашиот клас“ освои гран при на Јоаким Интерфест во Крагуевац

Претставата „Нашиот клас“ по текст на Тадеуш Слобоѓањек,  во изведба на Театарот за деца и младинци од Скопје, а во режија на Владимир Милчин е прогласена за најдобра на 9-тото издание на фестивалот Јоаким интерфест во Крагуевац, Србија.

Претставата „Нашиот клас“ освои гран при на Јоаким Интерфест во Крагуевац

„Нашиот клас“, кој Слобоѓанек го објавува во 2009 година, е потресна приказна за комплицираните полско-еврејски односи во 20 век, за колективниот срам, за вистината која никому не е потребна и за историјата на која не може да ѝ се суди, не може да се реконструира, ниту, пак, може да се објасни. Драмата беше номинирана за престижната полска книжевна награда Нике за 2010 година, а Европската театарска конвенција ја рангира меѓу најдобрите современи европски драмски текстови напишани во 2009 и 2010 година.

Наградата за режија на Јоаким Интерфест и е доделена на Снежана Тришиќ за претставата „Носорог“ по текст на Ежен Јонеско, во изведба на театарот од Кикинда. За најдобра актерка е прогласена Марина Воденичар, за улогата на ликот на Дејзи во „Носорог“, додека нејзиниот колега од истата претстава Ѓорѓе Марковиќ ја доби наградата за најдобра машка улога.

Специјалната награда за општествен ангажман и колективна игра ја доби претставата „Трпеле“ на Белградскиот драмски театар, која ја освои и наградата од публиката.

За наградите одлучуваше треточлено жири во состав: Златко Паковиќ, театарски критичар и драмски писател од Белград, Марко Сошич, режисер и драматург од Словенија и Исидора Рајковиќ, актерка на Крагуевачкиот театар.

Слоган на годинешното издание на „Јоаким Интерфест“ беше „Војната во нас и околу нас“, по замисла на селекторот Горан Цветковиќ, а фестивалот е замислен како поле за општествена активност и третирање на актуелните политички проблеми во целиот регион.  На фестивалот, кој започна на 7 октомври, учествуваа театри од Србија, Хрватска, Македонија, Словенија и Босна и Херцеговина.