Претставата „Дијамант“ на Дејвид Хојл вечерва на „Викендот на гордоста Скопје“

„Викендот на гордоста Скопје 2018“ за вечер од 20 часот во МКЦ ja најавува претставата „Дијамант“ на Дејвид Хојл. Според организаторите, ова е име што ја испиша историјата на авaнгардниот и кабаретскиот театар во Велика Британија и светот, Специјални гости на претставата се театарската дрег група од Лондон, The Lipsinkers.

„Дејвид Хојл ја шири пораката за проблемите со родот и други политички прашања до публиката од 1990тите години. Да не беше тој, немаше да постои родово флуидниот дрег на кој толку многу се навикнавме во последните години. Остави длабоко влијание и служи како огромна инспирација, тој е икона и единствен. Во геј клубовите во Манчестер го развива ликот познат како The Divine David –ликот кој станува толку познат што набрзо настапува во лондонските театри и клубови, по што неочекувано го бараат телевизиските станици, а при крајот на 1990тите години продуцира две серии за Канал 4 во Велика Британија – The Divine David Presents и The Divine David Heals. Настапува на бројни сцени, а на екраните се јавува и во култниот филм Велвет Голдмајн. Хојл исто така е и визуелен уметник и музичар, а глуми и е корежисер во наградуваниот Вујко Дејвид (Uncle David)“, велат од „Викендот на гордоста Скопје 2018“

Организаторите потенцираат дека „Дијамант“ претставува тегобно и пријатно патување низ ЛГБТ еманципацијата, почнувајќи од 1957 година до денешните настани преку возбудливата биографија на Дејвид Хојл. Проткајувајќи го личното искуство со јавните настани, велат тие, „Дијамант“ го прикажува подемот на Дејвид од геј адолесцент во Блекпул до познатиот култен анти-дрег квир феномен на Канал 4.

„Неверојатно авангардно театарско дело, Дајмонд плови низ трансформацијата на геј контра-културите, квир родот и сексуалноста, и британските општествени ставови. Ќе им се допадне на сите што веруваат во борбата за еднаквост“, стои во најавата за настанот.

Инаку, „Дијамант“ е дел од програмата на овогодишниот „Викендот на гордоста Скопје 2018“, фестивал што се одржува по шести пат, во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на РМ. Носечката идеја позади Викендот на гордоста 2018 е НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО, а се одржува од 7 до 10 јуни.

Деталната програма за фестивалот можете да ја проследите на следниов ЛИНК.

Skopje Pride Weekend 2018 е реализиран со поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung, Фондација Отворено општество – Македонија, Министерство за култура, Европската унија и Civica Mobilitas.