Претставата „Чист град“ вечерва го затвора 44. Млад отворен театар

Грчката претстава „Чист град“, вечерва од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе го затвори 44. издание на Млад отворен театар.

„Зошто мнозинството што ја чисти Атина се жени или имигранти? Дали се тие ‘родени’ чистачи и колку нивните биографии се  разликуваат од вашите?“ – е темата што ја отвора претставата во која режисерите Анестис Азас и Продромос Циникорис го истражуваат расизмот на „чистотата“ и „наивноста“, опасноста од фашизмот, женската имиграција во Грција и идентитетот на „чистачката“. Како театар на реалноста, „Чист град“ ги наоѓа и редефинира стереотипите преку погледи и лични искуства на вистински експерти што се однесува до чистотата: жените имигрантки, чистачки на Атина, стои во најавата на МОТ.

Годинава публиката проследи 16 претстави. Гостински претстави имаше од Словенија, Хрватска, Италија, Романија и Португалија.