Претседателски избори: Тесна трка помеѓу Пендаровски и Силјановска во прв круг

По преброени над 80% од гласовите од првиот круг на претседателските избори, кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски е во тесно водство пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова.

Пендаровски има 262.348 (42,57%), додека Силјановска-Давкова има 259.069 (42,04%), според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија. Блерим Река, поддржан од партиите Алијанса за Албанците и Беса, има 68.820 (11,17%).

Последните податоци на ДИК покажуваат дека гласале 41,19% од граѓаните со право на глас, или 616.277.

Набљудувачите на МОСТ регистрираа одредени нерегуларности за време на гласањето.

„Фотографирање на гласачките ливчиња е забележано на три гласачки места, гласачкото место 1515 во село Обршани, општина Кривогаштани, гласачкото место 1969 во Тетово и гласачкото место 1080 во село Тромеѓа, општина Куманово. Во сите овие случаи забележана е соодветна реакција на Избирачкиот одбор и на полицијата. Избирачкиот одбор направил записници, а полицијата ги привела овие гласачи“, рече Димитријоски.

На гласачкото место 2778 во општина Кисела Вода, додека Избирачкиот одбор проверувал дали одреден гласач бил запишан во Избирачкиот список, истиот веќе гласал, но пред да го стави ливчето во кутијата ИО увидел дека гласачот не е запишан во избирачкиот список. ИО не му дозволил да го стави ливчето во гласачката кутија, туку по консултација со ОИК, ИО истото го поништил со откинување на долниот десен агол.

На гласачкото место 0497 во село Ново Село, Oпштина Маврово и Ростуша, откинати се осум гласачки ливчиња заедно со серискиот број. ОИК го инструирала ИО, кога ќе заврши гласањето, серискиот број на тие ливчиња да биде откинат и да биде залепен на кочанот.

На гласачкото место 0771, село Козица, општина Кичево, кое се наоѓа во иста просторија со гласачкото место 0770, гласачко ливче од 0771 по грешка е ставено во гласачката кутија за гласачкото место 0770. ОИК дала инструкција случајот да биде внесен во записник.

„На гласачкото место 0219, село Добрушево, општина Могила, гласач ја турнал гласачката кутија при што една од сигурносните ленти се скинала. Биле повикани ОИК и полицијата при што лицето било приведено. Гласањето било прекинато во период од 20 минути, по што истото продолжило“, рече Димитријоски.

Додаде дека на гласачкото место 0947 во Крива Паланка, тројца граѓани не биле запишани во Избирачкиот список, додека на гласачкото место 1320 во село Велмеј, општина Дебарца, бројот на вакви граѓани е 10.

Сепак, изборниот ден помина во мирна атмосфера без сериозни нарушувања на јавниот ред и мир, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој посочи дека на овие избори за разлика од претходните претседателски имало пет пати помалку пријавени инциденти.

„Институциите покажаа дека можат да се организираат мирни и демократски избори. Им честитам на граѓаните за мирниот деморатски ден. Република Македонија покажа дека може да се организираат европски избори“, рече Спасовски.

Од изборните штабови на претседателски кандидати оценија дека денешните избори поминале во фер и демократска атмосфера.

Според Александар Кирацовски, шеф на изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски,  се одржале скандинавски избори, како што доликува на држава, идна членка на НАТО и ЕУ.

Од изборниот штаб на претседателскиот кандидат Блерим Река, пак, велат дека е загрижувачки фактот што има мал процентот на излезност на изборите. Според нив, тоа ја потврдува нивната теза дека 1/4 од населението е иселено од Републиката.

Од штабот  на ВМРО ДПМНЕ, го оценија изборниот ден како мирен.

Право на глас имаа 1.808.131 граѓани на 3.480 избирачки места. Изборниот процес го следеа 3.094 домашни набљудувачи и 419 меѓународни набљудувачи.

Вториот круг од изборите е закажан за 5 мај.