Претседателски избори 2019: Постигнат е цензус, Пендаровски во предност пред Силјановска

На преброени 89,44 отсто од гласачките ливчиња. кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски води со 52, 41 отсто од гласовите, пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, која засега има 44, 03 отсто. Неважечки ливчиња се 3,56 отсто, покажуваат резултатите објавени на страницата на Државната изборна комисија.

Цензусот е постигнат, а со тоа е извесно дека Пендаровски победува во вториот круг претседателски избори.

Јавниот обвинител и претседател на Комисијата за следење на изборни нерегуларниост, Џелал Бајрами, претходно изјави дека изборниот ден помина во најдобар ред, со исклучок на еден настан пријавен на територија на Вишо јавно обвинителство Гостивар.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, изборниот ден помина со незначителен број на неправилности. Тој им честита на граѓаните и институциите на одлично спроведените избори.

„До сега регистрирани се три случаи на фотографирање на гласачко ливче. Првиот на избирачко место во село Другово, кичевско, вториот на гласачко место во ОУ “Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, а третиот во Неготино. Против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави. Евидентиран е и случај во Неготино каде едно лице при гласање на еден од параваните со пенкало испишал бројка.

Пријавени се четири случаи за наводно агитирање и по преземените мерки утврдено е дека пријавите се неосновани. Исто така евидентирани се и две пријави за организирано носење гласачи при што во едниот случај за избирачко место во Битола е утврдено дека пријавата е неоснована додека пак за случај во Кочани се превземаат мерки за расчистување на случајот. Доколку има други пријави, Министерството за внатрешни работи соодветно ќе ја информира јавност“, соопшти претходно Спасовски.