Претседателот Пендаровски и волонтери започнаа акција за помош на најпогодените од коронавирусот

Денеска во Канцеларијата на претседателот – „Млади Хаб“ беа подготвени и испорачани првите пакети наменети за граѓаните кои се најмногу погодени од епидемијата на коронавирусот, со што започна проектот „Волонтираме за солидарно општество“.

Покрај Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во иницијативата како партнери се вклучни Црвениот крст, иницијативите #РетвитниОброк, Љубезност, Храна за сите – Банка за храна како и здружението Проект „Среќа“.

Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија упати јавен повик до сите кои можат да се вклучат со свој придонес, за собирање прехранбени продукти и хигиенски производи како поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

„Под мотото „Тука сме, ѝ служиме на заедницата, си помагаме едни на други!“ #ТукаСме #ЕдниЗаДруги, ги повикуваме граѓаните, општествено одговорните компании, граѓанските организации, дипломатските претставништва во Република Северна Македонија, меѓународните организации и институции, во согласност со своите можности и ресурси, да се приклучат кон оваа иницијатива за заеднички да им ја дадеме неопходната помош на што поголем број наши сограѓани“, стои во повикот од Кабинетот на претседателот.

Канцеларијата „Млади Хаб“, која се наоѓа во центарот на Скопје, ќе работи три дена седмично (понеделник, среда и петок), а волонтери ќе се грижат за прием на производите, како и за подготовка на хуманитарните пакети и за нивна дистрибуција. При работата на волонтерите ќе се почитуваат сите протоколи за безбедност пропишани и препорачани од Владата и од Светската здравствена организација, вклучително и физичка дистанца, проветрување, дезинфекција, миење раце и носење заштитна опрема (маски и ракавици).

Сите заинтересирани можат да донираат конзервирана и пакувана храна, производи за чистење и перење, средства за лична хигиена и средства за дезинфекција.

Од Кабинетот на претседателот посочуваат дека доставата до претходно определени граѓани кои се екстремно социјално загрозени ќе се врши во тесна соработка со партнерите, при што ќе бидат почитувани протоколите за заштита и за превенција, а врз основа на искуството од Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Повеќе детали за начинот на достава, како и тип на производи коишто може да се донираат, може да се добијат од лицата за контакт од Кабинетот на претседателот:

Офелија Димковска, тел: 070 401 113, е-пошта: dimkovskaofelija@gmail.com

Фјола Златку, тел: 076 225 433, е-пошта: fjollazllatku@gmail.com

Контакт лица од партнерските организации:

– Црвен крст на Република Северна Македонија – контакт лице: Мајлинда Мустафа, тел: 071/22 39 64, е-пошта: mustafa@redcross.org.mk

– Иницијативата #РетвитниОброк, со фокус на гладни и бездомници – контакт лице: Мила Тасевска, тел: 078/64 91 18, е-пошта: milataaa@gmail.com

– „Љубезност“ – здружение на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци – контакт лице: Тони Станковски, тел:078/26 37 92, е-пошта: stankovski.toni@yahoo.com

– Здружение за хумано-општествен развој – Проект Среќа, со фокус на децата – контакт лице: Благица Ристов,тел: 078/ 40 52 64 , е-пошта: proektsreka.koordinator@gmail.com

– „Храна за сите – Банка за храна“, со фокус на собирање на земјоделски, земјоделско-индустриски и трговски производи и дистрибуција до социјално загрозените граѓани – контакт лице: Душко Христов, тел: 070/34 36 36, е-пошта: bankazahranamk@gmail.com