Претседателот на Каталонија: Независноста е прашање на денови

Каталонија ќе прогласи независност од Шпанија во следните денови, најави регионалниот претседател Карлес Пуигдемонт за ББЦ.

Во првото интервју по спорното гласање на референдумот во неделата, каталонскиот лидер соопшти дека неговата влада ќе дејствува на крајот на оваа, или почетокот на следната недела.

Пуигдемонт, запрашан за тоа што ќе прави доколку шпанската влада одлучи да интервенира и да ја преземе контролата врз владата на Каталонија, одговорил дека тоа би било „грешка која би променило сè“.

Каталонскиот лидер информирал дека нема контакт помеѓу неговата администрација и владата во Мадрид. Тој не се сложува со официјалниот став на Европската Комисија, која референдумските инциденти ги нарече внатрешно прашање на Шпанија.

Во меѓувреме шпанскиот крал Фелипе VI изјави дека организаторите на референдумот се поставиле „надвор од законот“, додавајќи дека ситуацијата во државата е „крајно сериозна“, повикувајќи на единство.

Тој додал дека каталонските лидери покажале „непочитување за власта на државата и дека ги прекршиле демократските принципи и владеењето на правото“.

„Денес, каталонското општество е скршено“, рекол кралот Фелипе, предупредувајќи дека референдумот може да ја стави во ризик економијата на богатата Каталонија, како и на цела Шпанија. Сепак тој изразил убеденост дека Шпанија „ќе ги надмине овие тешки времиња“.

Напнатоста меѓу Шпанија и североисточниот регион Каталонија продолжува да се зголемува. Шпанскиот Врховен суд почнал истрага врз главните политички фигури од Каталонија, под сомневање за поттикнување побуна против власта, вклучувајќи го и шефот на регионалната полиција Хосеп Луис Траперо. Траперо, кој ги предводи каталонските полициски сили Мосос Д Есквадра, е осомничен за губење контрола врз демонстрациите за време на полицискиот упад врз канцелариите на каталонската влада пред референдумот.

Стотици илјади луѓе низ Каталонија протестираа против полициското насилство за време на референдумот, во кое скоро 900 лица беа повредени.

Полицијата тврди дека ја спроведувала одлуката на шпанскиот Уставен суд, кој го суспендираше гласањето, додека владата референдумот го прогласи за нелегален.