Претфестивалска журка со АКТО во „Јагода“

АКТО Фестивалот за современи уметности во Битола организира Пред АКТО забава заедно со своите соработници БОШ Фестивал во Гевгелија, ДримON во Струга и „Прво па женско“ во Скопје, како дел од пошироката идеја на оваа четворка за засилување, застапување и зацврстување на фестивалските идеи и соработки во натамошните свои изданија.

Идејата на оваа забава, како што велат организаторите, е да обедини на едно место фестивали кои во својата основа ја промовираат современата продукција на уметноста во различните појавности и тематски преокупации и да ја покаже на едно место потенцијалноста во различните пристапи на фестивалско програмирање и фунционирање.

Забавата ќе се одвива во мезе-бар „Јагода“ во Битола со диџеј сетови на JOSS и Dejan Dex, а ќе има и визуелни и промотивни материјали од сите фестивали за сите оние кои сакаат да знаат повеќе.