„Press Start“ – светска кампања за собирање пари за истражувачки новинари

Press Start“ е прва светска глобална кампања, објавена на платформата Кикстартер, со цел собирање средства за новинарите-истражувачи во земји во кои нема целосна слобода на медиумите и изразувањето.

„Повеќе од шест милијарди луѓе – најголемиот дел од светската популација, живеат во земји во кои новинарите не можат слободно да известуваат. Глобалната слобода на медиумите е на најниско ниво во последните десет години, што има тешки последици врз демократијата насекаде низ зветот. Слободата на изразување на интернет е исто така во опаѓање“, велат иницијаторите на кампањата, организацијата Transitions, која спроведува тренинзи за новинари во Централна и Источна Европа.

„Имајќи ја предвид состојбата во светот, слободниот проток на информации никогаш не бил повеќе важен, а секаде има талентирани репортери кои се подготвени да ги ризикуваат нивните кариери, па дури и нивните животи, да го обезбедат овој проток“, се вели во образложението на кампањата на Kickstarter, која има првична цел да собере 23.000 долари.

Иницијаторите објаснуваат и дека новинарите се соочуваат со закани: тужби за клевета, насилство кон нив и кон нивното семејство, фабрикувани обвиненија кои имаат цел да ги замолчат. Независните медиуми немаат доволно пари да создаваат квалитетни содржини, па дури ни да ги платат своите новинари, без оглед на тоа колку тие се умешни и храбри. Како резултат на ова, новинарите се принудени да преживуваат на други начини, а понекогаш и целосно да се откажат од својата професија, што е неповратна загуба на потенцијал што можел да биде насочен кон подобрување на општеството, велат организаторите на кампањата.