„Преплетувања“, онлајн изложба на професорката Славица Јанешлиева

Утре (5 ноември) ќе биде отворена онлајн изложбата на македонската уметница и професорка на Факултетот за ликовни уметности, Славица Јанешлиева. Со почеток од 12 часот, изложбата ќе биде достапна на сајтот www.slavicajaneslieva.mk, се до 3-ти декември 2020 година.

„Во состојба на ограничена социјализација и забрани за групирање, и покрај големата желба за вистинска „опиплива“ изложба и дружење, од внимателност се одлучив за виртуелно-онлајн претставување на изложбата „Преплетувања“. Често кажувам дека уметниците се хроничари на своето време, па ете… ваквиот тип на изложба ќе сведочи за периодот кој го живееме“, појаснува Јанешлиева.

За најновиот проект, историчарката на уметност Ана Франговска во текстот „ПЛЕТЕЊАТА и како концепт и како модус“, ќе напише дека Јанешлиева е авторка која кон уметноста која ја создава пристапува со искреност.

„Таа е дел од нејзината интима, од нејзината лична архива, од фамилијарните наративи, од нејзиниот микро космос чија аналогија или контекстуализација не останува само и единствено во рамки на интимното, туку станува и концепт кој се овоплотува во општественото милје, кој допира социјално-политички аспекти, историја, филозофија, метафизика. Нејзина алатка е линијата, нејзин медиум е графиката и оние сродни на неа, иако и мултимедијалноста воопшто не и е далечна, а елементот на женскоста, или феминистичката перспектива е присутна постојано или во постојаното „дружење“ со традиционалните мантрични занаети на шиење, плетење, кроење, везење… или во повеќеслојното феминистичко толкување на наративите кои ги применува. Најновите цртежи, колажи, фото (дигитални) колажи на Јанешлиева се исто така одблесоци или рефлексии на периодот и моментот кој го живее сега… Финалниот резултат е едно одлично осмислено и реализирано уметничко дело кое е повеќеслојно, повеќезначно, повеќемедијално, но пред сѐ искрено, впечатливо и длабоко“, пишува Франговска.

Славица Јанешлиева (1973) е визуелна уметница со изразен мултимедијален и интермедијален пристап. По образование е графичар, но нејзиниот препознатлив исказ и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми: графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (28 самостојни изложби и над 270 групни изложби).  Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјата и странство. Живее и работи во Скопје, како редовен професор на Катедра по графика на Факултетот за ликовни уметности (УКИМ).

Изложбата е поддржана од Министерството за култура.