Од вчера марихуаната е легална во Хрватска за медицински цели, меѓутоа на полиците во аптеките се уште нема медицински канабис, објавуваат хрватските медиуми.
Од хрватското Министерство за здравство соопштуваат дека аптеките ќе добијат медицински канабис во наредните неколку недели, а дотогаш пациентите ќе можат со рецепт да го купат лекот од земјите на Европската Унија, но парите нема да им бидат вратени.
Исто така, министерот за здравство Синиша Варга соопшти дека фармацевтските компании ќе можат да одгледуваат медицински канабис во Хрватска.
Аптеките кои сакаат во иднина да продаваат лекови на база на марихуана ќе мора да исполнат два услови, изјави претседателот на хрватската Лекарска комора Мате Портолан.
„За да почне набавката на лековите на база на канабис во нашите аптеки, првиот услов е докторите да почнат да им препишуваат таква терапија на своите пациенти. Другиот услов е да се осигура увозот на суровини, со оглед на тоа дека во овој момент Хрватска не произведува медицински канабис и производи кои ќе служат за изработка на препаратите“, изјави Портолан.
Цените, вели Варга ќе бидат регулирани од страна на министерството со цел да не бидат превисоки за пациентите. Неофицијално, се проценува дека месечната доза би можела да достигне и до 500 евра.
Во однос на добавувачите, Министерството за здравство соопшти дека поради малиот пазар, досега ниеден произведувач на лек на база на индиски коноп не искажал интерес за регистрација на лекови во Хрватска. Но, на пациентите на кој ќе им биде препорачан и препишен лек кој содржи тетрахидроканабинол (ТХЦ), министерството ќе им даде дозвола на аптеките за увоз. Во соопштението стои и дека Имунолошкиот завод е во преговори со произведувачи за увоз на суровини за хрватскиот пазар.
Хрватска е прва земја од регионот која ја легализира употребата на марихуана за медицински цели. За легализацијата да биде можна, хрватската влада мораше да го промени Правилникот за категоризација на лековите и прописите за издавање лекови на рецепт. Медицинска марихуана на рецепт можат да добијат болните од мултиплекс склероза, карцином, епилепсија и СИДА.