Здружението Артопија во петок (9 јуни), во кино Фросина, премиерно ја прикажува претставата „Експеримент“, во режија и сценарио на Јане Спасиќ.
По успехот на првата театарска претстава во продукција на Артопија, „Да го поздравиш и да ми го бациш“, новиот театарски продукт сака да го задржи континуитетот на критика на негативните општествени појави и цели да го збогати диверзитетот во театарскиот израз на независната театарска сцена во Р. Македонија..
Главна инспирација за претставата е книгата „The Lucifer Effect” на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот.
Група на фантазмагорични суштества, буфони, ги поседуваат сите искуства и мемории на човештвото. Нивна единствена цел е да го набљудуваат човекот, да бидат негово „критичко огледало“ и еднаш годишно да „мигрираат“ во реалниот свет за да му укажат на грешките. Доаѓа денот од годината кога треба да се „мигрираат“ во реалниот свет и повторно да огласат пред луѓето, но по кратко согледување на ситуацијата буфоните констатираат дека човекот постојано ги повторува истите грешки и нема капацитет да согледа дека тоа го води кон самоуништување. Решаваат да го откажат доаѓањето во реалниот свет бидејќи им се чини бесцелно, но сепак, еден од буфоните не сака да се откаже од човекот, наоѓа уникатен мемориум и успева да ги убеди дека можеби треба да се огласат за последен пат…
Режисер на претставата е Јане Спасиќ, а во претставата настапува млада актерска екипа составена од: Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Мартин Јорданоски, Симона Спировска Костовска, Матеја Јанковска, Марија Јанчевска, Михаел Стојановски.
По премиерата следуваат две репризни изданија, недела(18.06.) и понеделник(19.06.) со ист „тајминг“ и локација.
Билетите можат да се набават на билетарницата на МКЦ, по цена од 300 денари.