Премиери на „Мама миа! Одиме повторно“ и „Сикарио 2“ во кино „Милениум“

Мјузиклот „Мама миа! Одиме повторно“ и акцијата „Сикарио 2: Војна без правила“ од утре (четврток, 19 јули) ќе бидат на репертоарот на кино „Милениум“ во Скопје. Публиката воедно ќе може да ги погледне и анимираниот филм „Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“, акцијата „Облакодер“, а само во сабота и недела ќе се прикажува и цртаниот „Неверојатните 2“.

Еден од најочекуваните филмови ова лето е мјузиклот „Мама миа! Одиме повторно“ кој ќе се прикажува во ударниот термин од 20 часот во „Милениум“. Главните улоги ги толкуваат: Лили Џејмс, Аманда Сејфрид, Мерил Стрип, Пирс Броснан, Колин Фирт и други, а и ова продолжение е преполно со музика и танц. Акцијата „ Сикарио 2: Војна без правила“ е на репертоарот во 22 часот, а во остварувањето играат Бенисио Дел Торо и Џош Бролин. Војната поради дрога на границата помеѓу САД и Мексико ескалира поради што картелите почнуваат да тргуваат со терористите на американската граница.

„Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“ во работните денови се прикажува во 15 часот додека во сабота и недела игра во 13.30 Овој пат невообичаеното семејство тргнува на одмор каде грофот Дракула почнува и романтична врска. Гласовите во анимираниот филм ги позајмуваат: Адам Сендлер, Селена Гомез, Енди Самберг и други. Акцијата „Облакодер“ со Двејн Џонсон во главната улога ќе игра во 17.30 часот и приказната е фокусирана на татко кој се обидува да стори сè за да го спаси своето семејство од запален облакодер.

Во сабота и недела во 11 часот ќе игрa анимираниот филм „Неверојатните 2“ во кој семејството на суперхерои е ставено пред нов предизвик, но овој пат господинот Неверојатен ги чува децата додека Елен (Еластигрл) го спасува светот. Билетите за сите проекции во кино „Милениум“ чинат 150 денари.