Премиерата на претставата „Птица со главата меѓу нозе“, на Коле Ангеловски ќе се игра во среда (10 ноември) во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 20 часот.
Претставата е најавена како чудна комедија со среќен крај, каде птицата е симбол на слобода.
„Може да лета каде сака, за неа не постојат граници, не постојат ограничувања, но, ако главата и е меѓу нозе, ќе лета, ама ниско“, стои во описот на претставата.
Претставата е во режија на Коле Ангеловски, а во неа играат Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски. Сценограф е Илина Ангеловска, костимограф Раде Василев, а музиката е на Кокан Димушевски.
Климент, млад доктор, бил на специјализација во странство. Таму се запознал со една девојка, која студирала Славистика и го зборува македонскиот јазик. Никогаш не била во Македонија и би сакал прва да ја види таа земја, за која што толку многу слушала. Климент ја поканува да дојде, да ги види убавините на земјата, да ги запознае луѓето, традицијата, историјата…Девојката прифаќа. Климент пресреќен, за да ја дочека како треба, од Евдокија, инаку стара мома, изнајмува куќа, во стилот на старите македонски куќи од почетокот на 20 век, како што се куќите во Охрид или Крушево. Ангажира двајца глумци, сега пензионери, Филимен и Иконија да бидат негови родители, се договара со Никифор, постар шеф-готвач кој порано работел во врвни хотели, а сега се бави со кетеринг, да биде негов слуга…
„Птица со главата меѓу нозе, не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери, ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија, од пандемија, од социјала, од политика. Приказни за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа погледано од еден позитивен и комичен агол. Ова е актерска претстава, ќе играат постарите актери на Драмски, врвни мајстори на овој жанр. Начинот на играње по Станиславски, со се она, кој сум, што сум, биографија, вистински односи, ама откачено и со дистанца. .А тоа мислам дека многу добро го правиме“, вели авторот Коле Ангеловски.