Премиера на „The Way of Clave” во Кино Култура

МакеДокс организира бесплатна проекција на филмот „The Way of Clave” вечерва (20 јули) во 20.00 часот во кино „Култура”.

Танчари и музичари од различни страни на светот, се сплотуваат преку универзалниот ритам – клаве. Приказната е раскажана преку ликот на Техамана, која преку оваа шанса го бара патот назад до она што била нејзината суштина – музиката.

Филмот ја прикажува 8-месечната културна размена помеѓу филмски творци од МакеДокс, ромски музичари и главните танчари од Dallas Black Dance Theatre. Документарниот филм ја следи нивната креативност и интеракции во двете земји, додека тие учат за афро-американската историја и танц, како и македонското и ромското наследство и музика. Танчарите и музичарите го сочуваа и интерпретираа ова наследство преку изведби на специфични локации во двете земји. Филмските творци ја снимаа и следеа нивната креативност и интеракции во двете земји, кои резултираа со среднометражен креативен документарен филм: „The Way of Clave”.

Проекцијата ќе биде симултана со проекцијата во Далас и проследена со синхронизирани прашања и одговори со учесниците од МакеДокс и ДБДТ на платно.

„Ширење видици“ е партнерски проект помеѓу МакеДокс и Dallas Black Dance Theatre, создаден со цел афроамериканските танцувачи и македонските филмски творци да го истражуваат и зачуваат афроамериканското и ромското културно наследство преку продуцирање на креативен документарен филм за танц. Филмот ќе ги открие културолошките сличности, ставајќи акцент на искуствата на етничките малцинства во општеството.